Изабела Цепак, млада и талентирана борачка со значајно искуство од САД, официјално станува дел од македонското спортско семејство и ќе ги брани боите на Македонија на претстојните меѓународни натпреварувања во борење, соопшти Олимпискиот комитет на Северна Македонија.
Цепак доаѓа со силна натпреварувачка биографија од Соединетите Американски Држави, каде настапувала за средното училиште „Саут Лајон Ист“ во Мичиген. Во последната сезона таа остварила 33 победи, од кои 29 со туш, што ја издвојува како спортистка со висок натпреварувачки потенцијал.
Нејзиниот квалитет бил потврден и преку повеќе државни и регионални признанија. Минатата година Цепак освоила прво место на државното првенство во Мичиген, како и второ место на национален турнир, резултати што ја позиционираат како едно од новите имиња од кои македонското борење може да очекува сериозен меѓународен настап.
Во првото официјално интервју, Цепак ги истакна своите високи амбиции и посветеноста кон врвни резултати. Таа нагласи дека фокусот го става на интензивни технички и кондициски тренинзи, ментална подготовка, дисциплина и превенција од повреди.
„Со нетрпение очекувам нови предизвици и медали под македонското знаме. Ќе дадам сè од себе за да ја претставам Македонија со гордост“, изјави Цепак, изразувајќи благодарност до тренерскиот тим и навивачите за поддршката.

ФОТО: МОК








