Само една недела ја дели политичката сцена од, како што го нарекуваат организаторите, најголемото обединување на албанскиот политички блок во државата. Коалицијата ВЛЕН најавува дека на 9 мај, симболично на Денот на Европа, ќе се трансформира од сојуз на повеќе субјекти во единствена политичка структура со заедничко име, насока и мисија.
Според најавите, на настанот ќе учествуваат околу 850 делегати, кои треба да го потврдат процесот на обединување на пет политички ентитети во една организација. Од ВЛЕН порачуваат дека со овој чекор се става крај на, како што велат, долгогодишната политичка фрагментација меѓу Албанците и се отвора ново поглавје со заеднички настап и координирана политика.
Целиот процес се одвива под слоганот „вредно е едно“, со кој се потенцира идејата за единство наместо поделби. Од коалицијата оценуваат дека во изминатите години разединетоста била претставувана како политички плурализам, додека личните интереси често биле ставано пред заедничките.
Изборот на датумот, 9 мај, не е случаен, велат од ВЛЕН, посочувајќи дека Денот на Европа симболизира обединување и заеднички вредности – принципи кои, според нив, сега треба да добијат и конкретна политичка форма во албанскиот блок во земјата.
Од таму порачуваат дека новата структура ќе биде насочена кон посилно претставување на Албанците, со јасна политичка платформа и единствен глас во институциите. Воедно, посочуваат дека овој процес нема да биде позитивно прифатен од сите, особено од оние кои, според нив, профитирале од досегашната разединетост.
Дали ова обединување ќе донесе вистинска политичка консолидација или нови предизвици на сцената, ќе стане појасно по 9 мај, кога ВЛЕН најавува дека ќе ја претстави својата нова форма и идни чекори.








