Десет лица се уапсени во Албанија во рамки на голема меѓународна операција против онлајн измами, соопшти Европол.
Според истрагата, криминалната мрежа стои зад измами вредни над 50 милиони евра, при што жртви имало низ Европа и пошироко, вклучително и во Италија, Германија, Грција, Шпанија, Канада и Обединетото Кралство.
Групата управувала со неколку кол-центри во Тирана, од каде што жртвите биле мамени преку лажни инвестициски платформи. По регистрацијата, тие биле контактирани од лица кои се претставувале како финансиски советници или брокери и им ветувале високи добивки.
Во реалноста, измамниците користеле софтвер за далечински пристап за да преземат контрола врз уредите на жртвите и да ги пренасочат средствата во сложена меѓународна мрежа за перење пари. Дополнително, жртвите биле изложени на психолошки притисок да вложуваат сè повеќе средства.
По губењето на парите, дел од жртвите повторно биле контактирани со нови понуди за инвестирање, вклучително и отворање сметки на криптовалутни платформи со почетен депозит.
Според Европол, мрежата броела околу 450 лица организирани во различни сектори, со тимови специјализирани за повеќе јазици со цел да допрат до што поголем број жртви.
Истрагата започнала во Виена во 2023 година, а подоцна била проширена со вклучување на албанските власти. Со поддршка на Евроџаст бил формиран заеднички истражен тим, што довело до координирана акција на 17 април 2026 година.
При претресите биле уапсени 10 лица, извршени претреси во три кол-центри и девет домови, а запленети се значителни парични средства, стотици електронски уреди и друга дигитална опрема.








