Основниот кривичен суд Скопје донесе првостепена пресуда со која обвинета е огласена за виновна за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Предметот се однесува на шема на фиктивни вработувања, преку која биле создадени формални услови за исплата на надоместоци по основ на бременост, раѓање и мајчинство. Според утврденото во постапката, вработувањата биле прикажани како редовни, но без реално извршување на работни задачи.
На овој начин, преку лажно прикажување на плати и придонеси, биле извршени незаконски исплати од Фондот за здравствено осигурување. Средствата потоа биле подигнувани, префрлувани и повторно пуштани во промет, со цел да се прикрие нивното незаконско потекло.
Во конкретниот случај, обвинетата била формално вработена. На нејзината сметка биле исплатени средства по основ на плата и надоместоци, по што дел од средствата биле подигнати или префрлени од друго лице. Судот утврди дека обвинетата пуштила во оптек 122.806 денари, иако знаела или била должна да знае дека средствата потекнуваат од кривично дело.
Со пресудата судот ѝ изрече на обвинетата условна осуда, со утврдена казна затвор од 3 месеци, која нема да се изврши доколку во рок од 2 години не изврши ново кривично дело. Обвинетата е задолжена да плати судски трошоци и да ја надомести штетата од 122.806 денари на буџетот на Македонија.
Формалното вработување и прикажани исплати не создаваат законско право на надоместок по основ на бременост, раѓање и мајчинство, доколку се засноваат на измама. Кога обвинетиот прима, располага или пушта во промет средства за кои знае, или бил должен да знае дека потекнуваат од кривично дело, таквото постапување претставува перење пари.
Овој предмет покажува дека злоупотребата на системите за социјална и здравствена заштита не претставува само административна неправилност, туку може да има и кривична одговорност кога преку измама се извлекуваат јавни средства и потоа се прикрива нивното потекло.








