Започна изградбата на типската училишна спортска сала во дворот на ООУ „Стив Наумов“ во Битола. Денеска, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, изврши увид на локацијата каде ќе се реализира овој значаен проект.
Станува збор за изградба на училишна фискултурна сала со површина од 650 метри квадратни, наменета за реализација на спортски и рекреативни активности во мали спортови како кошарка, одбојка, гимнастика, ракомет и пинг-понг.
Објектот ќе се состои од две секции – една со помошни простории, вклучително соблекувални, канцеларија и санитарни јазли, и втора секција која ќе биде фискултурна сала со димензии 15 на 30 метри и висина од 7,6 метри.
Вкупната вредност на проектот изнесува 48.297.406 денари, средства обезбедени преку вториот владин повик преку Министерството за образование и наука, како и дел од буџетот на Општина Битола.
Со реализацијата на овој проект, значително ќе се подобрат условите за спорт и физичко образование на учениците во училиштето.








