Регулаторната комисија за домување (РКД) информира дека им одзела лиценци на четири правни субјекти – управители на станбени згради, по спроведена вонредна периодична проверка за исполнување на законските услови врз основа на кои им биле издадени лиценците.
Од РКД појаснуваат дека проверката била спроведена со цел утврдување на усогласеноста со одредбите од Законот за домување, при што биле побарани и доставени податоци за работењето на управителите во повеќе градови низ државата, меѓу кои и Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола и други.
Според податоците, 62 правни субјекти го усогласиле своето работење со законските обврски. Кај четири управители, од кои три со седиште во Скопје и еден во Струмица, се констатирани неправилности, недоставени податоци или неисполнување на законските обврски.
Претседателот на РКД, Никола Затуроски, изјави дека дел од управителите не извршувале дејност во период подолг од шест месеци, додека кај други биле утврдени пропусти во однос на резервниот фонд и финансиското известување.
Според РКД, во државата вкупно 8.053 станбени згради се управувани од управители или заедници на сопственици, при што 5.600 објекти се под лиценцирани управители, додека останатите функционираат преку заедници на сопственици.








