Апелациониот судија Ѓоко Ристов, кој е во куќен протвор, денеска доби обвинение за најдените 350.000 евра, непријавени и неевидентирани, соѕидани во кујната на семејниот дом во Неготино.
Тие беа откриени при претрес, откако беше фатен адвокатот Фехмо Стафа при земање 50.000 евра, за кои рекол во истрагата дека се за Ристов.
„Иако во конкретниот случај адвокатот бил фатен ‘ин флагранти‘ со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејствија и претреси, при кои на 18.01.2026 во домот на родителите на судијата во Неготино пронајде вкупно 350.000 евра, за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил”, кажа денеска Обвинителството.
Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти во апоени од по 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од цигли во ѕид на една од собите.
„Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година, како службено лице судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена давал лажни податоци за својот имот и имотот на неговото семејство и не пријавил имот, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи. Од поведувањето на постапката, јавниот обвинител презеде повеќе дејствија со кои обезбеди цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдија елементите кои го исполнуваат битието на кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а. Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази кои укажуваат на обележја и на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик”, вели Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Врз основа на обезбедените докази, ОЈОГОКК денеска поднесе обвинение против судијата од Апелациониот суд за наведените кривични дела.
НА 15 МЕСЕЦИ ЗАТВОР ОСУДЕН ЕКСДРЖАВНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА, ФАТЕН КАКО ПРИМА МИТО ОД 50.000 ЕВРА ОД СЕСТРАТА НА ОБВИНЕТИОТ ЉУПЧО ПЕЦОВ-ЃАВОЛОТ ЗА ДА ВЛИЈАЕ ВО АПЕЛАЦИЈА
Но, истрагата со ова не застанува, се истражува евентуална коруптивна мрежа за земање мито од овој и од други судии.
„Надлежниот јавен обвинител продолжува да презема дејствија до целосно испитување на сите аспекти на сомнежите за коруптивни дејствија и потенцијална инволвираност и на други лица”, вели Обвинителството.








