Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес го потпиша Колективниот договор за вработените во Министерството за односи меѓу заедниците, соопштија од Министерството.
Со Колективниот договор се предвидува зголемувањето на платите на административните службеници да се реализира во три фази, во периодот од март 2026 до март 2028 година.
Со договорот дополнително се уредуваат правата, обврските и работниот статус на вработените, како и условите за работа, со што се обезбедува поголема сигурност, подобра заштита на работничките права и појасна рамка за функционирање на институцијата.
Стоилковиќ истакна дека потпишувањето на Колективниот договор претставува важен чекор кон подобрување на статусот на вработените и создавање стабилна, професионална и мотивирана јавна администрација.
„Со овој договор не само што се унапредуваат правата на вработените, туку истиот претставува и потврда за силната посветеност кон социјалниот дијалог и градењето на модерна, ефикасна и транспарентна јавна администрација. Овој чекор испраќа јасен сигнал дека институциите се посветени на градење праведен и функционален систем, во кој трудот на вработените е вреднуван и почитуван“, истакна Стоилковиќ.








