Една од највпечатливите нови авторки на регионалната сцена, Дина Јашари, кон крајот на март ќе одржи мини турнеја во Хрватска, каде што во Чаковец, Риека и во Загреб ќе го претстави својот деби-албум, „Растенија без корен“, издание што веќе привлекува големо внимание кај публиката и медиумите.
Концертите ќе се одржат на 26 март во Чаковец (клуб „Простор“), на 27 март во Риека (клуб „Немо“) и на 28 март во Загреб (клуб „Катран“). Според изборот на регионалниот музички портал „Rockomotiva“, „Растенија без корен“ е во топ-петте албуми за 2025 година, потврдувајќи за силниот одглас што го има албумот кај критиката и публиката.
„Растенија без корен“ е албум составен од девет песни создадени во текот на последните три години и претставува интимен и искрен музички дневник на уметницата. Со звук што природно се движи меѓу поп, нео-соул и џез, албумот нуди ограничен, жанровски разновиден и современ израз што ја издвојува Дина како еден од најавтентичните нови гласови на сцената.
– Албумот го носи пулсот на последните три години од мојот живот, исполнети со раст, преиспитување, тишина и бучава. Песните се снимени на различни локации и со различни луѓе, па затоа е шарен, жив и, пред сè, искрен – вели Јашари.
Добитничка е на престижната награда „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“ и зад себе има настапи на значајни европски фестивали како „Мент Љубљана“, „Егзит“ и „Eснс Гронинген“. Во 2025 година го отвори концертот на култната британска група „Масив атак“ во Скопје.
На сцената ќе настапи со својот бенд, носејќи емотивен концерт, во кој нежниот вокал, сонливите хармонии и модерната продукција се спојуваат во силно музичко искуство, формат што сè поуверливо ја освојува публиката во регионот и во Европа.








