Државата ќе ги продава кравите од кривопаланечко, кои во моментов се во сопственост на Агенцијата за храна и ветеринарство, преку јавен оглас на кој право на учество ќе имаат регистрирани кланици и месарници.
Прашањето за судбината на добитокот се најде и на дневен ред на последната владина седница, што може да се констатира од записникот објавен на официјалната веб-страница на Владата.
По објавувањето на одлуката, Телевизија 24 побара став од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму велат дека врз донесената одлука на Владата од страна на АХВ ќе спроведат проверки за здраствената состојба на одземените говеда, по што ќе биде утврдена пазарна вредност и ќе се распише јавен повик за нивно отуѓување.
„Ќе биде утврден здравствениот статус на 81 одземено животно и ќе се спроведе испитување на болести согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните. По реализирањето на овие активности согласно владиниот заклучок, ќе биде утврдена нивната пазарна вредност и ќе се распише јавен повик за нивно отуѓување. АХВ согласно задолжувањето од Владата, ќе обезбеди услови за привремено чување на одземените животни согласно Законот за благосостојба на животните„ велат од АХВ
Телевизија 24 побара став и од дел од невладините организации и активисти за заштита на правата на животните. Тие сметаат дека ваквото решение не треба да биде последниот чекор. Наместо добитокот да заврши на колење, предлагаат животните да бидат ставени на јавна лицитација на која би се наддавале одгледувачи за нивно преземање и понатамошно згрижување. Според нив, кравите би можеле да добијат нови сопственици по поволни цени, наместо – како што велат – веднаш да им биде пресудена смртта, особено ако се има предвид дека подолг период живееле во тешки услови, препуштени сами на себе.
Телевизија 24 подолг период известува за состојбата на терен во кривопаланечко. Во повеќе наврати беше контактиран и градоначалникот Сашко Митовски, кој потврди дека случајот со кравите предизвикал и политички несогласувања и притисоци меѓу локалната и централната власт. Добитокот, во еден период, беше и причина за приведување на дел од поранешните сопственици, на кои Агенцијата за храна и ветеринарство им го одзеде правото на сопственост во 2024 година.








