На Светскиот ден на детето, УНИЦЕФ и Македонската берза ја поддржаа глобалната иницијатива „Ѕвониме за децата“, со повик за поголеми инвестиции во квалитетно и инклузивно предучилишно образование. Помалку од половина од децата до шестгодишна возраст во земјава се опфатени со предучилишно образование, а за постигнување на целта од 65 проценти до 2032 година потребни се дополнителни 19.000 места во градинките.
Македонската берза денеска симболично го означи почетокот на тргувањето со ѕвонење за децата, приклучувајќи се на глобалната иницијатива на УНИЦЕФ „Ѕвониме за децата“. На настанот, организиран по повод Светскиот ден на детето, беше упатен повик за поголеми инвестиции во раниот детски развој, квалитетното образование и грижата за секое дете.
УНИЦЕФ и Македонската берза ги обединија претставниците на Владата, граѓанските организации, деловниот и финансискиот сектор, истакнувајќи ја важноста на деловните и инвестициските одлуки во унапредувањето на правата и благосостојбата на децата.
Според податоците презентирани на настанот, помалку од половина од децата до шестгодишна возраст во земјава се опфатени со предучилишно образование. За постигнување на националната цел од 65 проценти опфат до 2032 година, потребни се дополнителни 19.000 места во градинките, континуирани јавни инвестиции, иновативни модели на финансирање и посилни партнерства.
„Инвестициите во најраните години од животот и обезбедувањето силен почеток за секое дете имаат повеќекратни придобивки: подобри резултати за децата, поголеми можности за жените и семејствата, намалување на нееднаквостите, посилни компании и развој на човечкиот капитал што ѝ е потребен на државата за поотпорна иднина“, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер.
Главниот извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, посочи дека берзите имаат можност да ги поврзат компаниите и инвеститорите и да придонесат правата на децата да добијат поголемо значење во деловните и инвестициските одлуки.
На настанот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Тие ја истакнаа важноста на достапното и квалитетно предучилишно образование, како и потребата од соработка меѓу институциите, семејствата и пошироката заедница.
Велковски посочи дека проширувањето на мрежата на детски градинки и зголемувањето на опфатот на децата се меѓу приоритетите на Министерството, додека Јаневска нагласи дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука, вклучително и деловните и инвестициските одлуки.
Во иницијативата „Ѕвониме за децата“, предводена од УНИЦЕФ и Иницијативата на Обединетите нации за одржливи берзи, учествуваат 26 земји. Нејзината цел е да ги поттикне компаниите и инвеститорите да го земат предвид влијанието на своите одлуки врз правата, благосостојбата и можностите на децата.






