Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска сподели дека по две децении, ќе се гради пешачка патека и ќе се чисти коритото на реката Серава.
„Денес, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, го означивме почетокот на еден од најзначајните и најбараните зафати за жителите на Бутел – темелно чистење и уредување на коритото на реката Серава, проследено со изградба на нова пешачка патека. Она што со години било само празно ветување, денес станува реалност. Со овој проект, просторот покрај Серава конечно ќе добие нов живот и нова вредност за граѓаните“, информира Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Новата пешачка патека ќе се протега во должина од 1.590 метри, создавајќи уредена и безбедна зона за прошетка, рекреација и дружење. Долж неа ќе биде поставено современо лед осветлување, нови клупи и урбана опрема, а целиот простор ќе биде дополнително разубавен со ново зеленило.
„Особено внимание посветуваме и на најмладите. Во рамки на овој проект ќе се изградат и нови детски игралишта, места каде децата безгрижно ќе играат, а семејствата ќе создаваат убави заеднички спомени“, истакна градоначалникот и воедно додадек дека со вакви проекти, чекор по чекор, го менуваат ликот на општина Бутел и го разубавуваат Скопје.








