Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека половина од уплатените средства по основ на солидарниот данок ќе им бидат вратени на компаниите во март, додека остатокот ќе се исплаќа во март 2027 година.
Според информациите од Министерството за финансии, најголемиот дел од компаниите се согласиле враќањето да се реализира во две рати, а обрасците за постапката се веќе подготвени. Се очекува Управата за јавни приходи во најкраток рок да ги објави на својата веб-страница, по што ќе започне исплатата на првата половина од средствата.
Обврската за враќање на парите произлегува откако Уставниот суд го поништи Законот за солидарен данок, кој беше воведен како еднократна давачка за 2023 година за компаниите со приходи над 615 милиони денари.
Со поништувањето на законот, државата треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании кои го платиле данокот.
Министерката посочи дека за дел од компаниите кои не се согласиле со исплата во две рати ќе продолжат разговорите, нагласувајќи дека до март има простор да се изнајде решение.
Од Министерството нагласуваат дека ќе се постапува согласно одлуката на Уставниот суд и дека обврските кон стопанството ќе бидат сервисирани во предвидената динамика.








