Близу 188,5 тони медицински канабис пријавиле лиценцираните производители од 2020 до 2024 до Комисијата при здравство. За 2025 ќе се знаат во март до кога тече рокот.
„Малмед има издадено вкупно 93 дозволи за извоз во периодот од 10.05.2022 до 01.01.2026 година за правните лица NYSK, New Garden, Bul Bilding, Sinceritas, Replek, Tetra hip …“ велат од Агенцијата за лекови и медицинска опрема.
„Реплек“, воедно е и првата компанија на која Агенцијата ѝ издала дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински цели на македонскиот пазар. Во производствениот процес користи поголеми количини канабис од европскиот, а многу помалку од домашниот пазар. За точниот процент од „Реплек“ велат било деловна тајна, но нашите сознанија се дека од домашните компании земаат само 30 проценти.
Законот кој беше донесен за да им користи на пациентите за лекување од одредени тешки болести, предвидува да им се препишуваат само на нивно барање, а и процедурите низ кои минуваат се макотрпни.
ПОТРЕБНИ СЕ ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ
Кога при солидно производство на канабисот, постои низок откуп од компаниите за обработка во екстракти и многу мал број барања од пациентите за лекување, тогаш каде завршува патот на канабисот?! Експертите несомнено упатуваат на црниот пазар. Од Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ во сето ова гледаат бизнис за надвор и запоставување на пациентите, па препорачуваа измени на законот.
Од Министерството за здравство посочуваат дека надлежната комисија спроведува редовни и вонредни контроли кај лиценцираните правни субјекти, во однос на пријавеното производство, залихите и евиденциите.
А, Асоцијацијата на одгледувачи и производители на канабис и продукти од канабис стои на веб-страницата на Стопанската комора како членка, но од таму велат дека во последните две години нема никакви активности во комората.
Засегнатите гледаат проблем во системот кој овозможува канабисот да завршува на црниот пазар. Македонија не смее да стане новиот Лазарат или Колумбија на Балканот. Час поскоро е потребна акција за ревизија на дозволите, сериозен и меѓународен надзор и високи казни.








