Централното собрание на Движење Беса со мнозинство гласови донесе одлука за распуштање на Централното претседателство на партијата, во рамки на процесот за спојување на коалицијата ВЛЕН во еден политички субјект.
Како што информира претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, одлуката е донесена врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што ја сочинуваат коалицијата ВЛЕН, со цел да се отвори патот за нејзино структурирање и формално обединување.
Собранието го овластило Касами да ги продолжи разговорите за иднината на ВЛЕН, со поддршка за спојување во еден субјект, со решение што, како што наведува, ќе го почитува принципот на правда и ќе го одразува гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и на Албанците во земјата.
На седницата била разгледана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Според Касами, било констатирано дека партијата има капацитет за значително поголем придонес од досегашниот. Анализата на работата на функционерите ќе продолжи во наредните денови, а наодите ќе бидат земени предвид при претстојната реконструкција на Владата.
Од Движењето Беса порачуваат дека позициите во Владата ги гледаат како средство за поефикасна служба кон граѓаните, особено кон Албанците, и дека сите идни одлуки ќе се темелат на тој принцип.









