Министерот за транспорт и врски и вицепремиер на Владата на Македонија Александар Николоски денес оствари работна средба со в.д. амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс, на која беа разгледани актуелните прашања од билатералната соработка и стратешкото партнерство меѓу двете земји.

На средбата било истакнато дека САД се долгогодишен стратешки партнер и силен поддржувач на Македонија во реформските процеси, јакнењето на институционалните капацитети, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Посебен акцент бил ставен на реализацијата на капиталните инфраструктурни проекти, со фокус на изградбата на автопатските делници Битола – Прилеп, Кичево – Гостивар (Стража) и Тетово – Гостивар. Воедно, било разговарано и за економските односи и добрите трговски врски меѓу двете земји, кои бележат континуиран раст и имаат значајно влијание врз деловната клима и инвеститорската доверба.
Николоски нагласил дека стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД претставува гарант за стабилност во земјата и регионот, особено во услови на силни економски и геополитички предизвици на глобално ниво.








