Општина Прилеп влегува во нов инвестициски циклус вреден околу 12 милиони евра, најави градоначалникот Дејан Проданоски во гостувањето во емисијата „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија.
„Општината е финансиски стабилна и со поддршка од централната власт започнуваме нов циклус на капитални инвестиции“, истакна Проданоски, нагласувајќи дека средствата ќе бидат насочени кон инфраструктурни и урбани проекти што директно ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.
168 милиони денари за улици и патна инфраструктура
Во делот на инфраструктурата, предвидена е програма вредна 168 милиони денари за реконструкција на улици, како и изградба на патниот правец Бешиште–Полчиште во Мариово. Приоритет останува обезбедувањето основна комунална инфраструктура – пристап до чиста вода за пиење, канализација и електрична енергија за сите населени места.
Уредување на градската река и заштита од поплави
Со засилено темпо продолжуваат активностите за комплетно уредување на коритото на градската река, со изградба на кејски ѕидови и поставување урбана опрема. Просторот треба да се трансформира во модерна рекреативна зона.
Според градоначалникот, досегашните активности за чистење веќе дале конкретни резултати, спречувајќи поплавување на населбата Димо Наредникот при обилни врнежи.
Инвестиции во образование и спорт
Во образованието се издвојува изградбата на нова градинка со капацитет од 250 деца, која ќе се финансира со општински средства.
Проданоски најави и потреба од изградба на затворен базен и модерен трговски центар, при што за молот се разгледува можноста за јавно-приватно партнерство со инвеститори. Во соработка со Владата и Министерството за спорт, се работи и на ревитализација на спортските објекти во градот.
Кадровски промени за поголема ефикасност
Паралелно со капиталните инвестиции, најавени се и кадровски промени во јавните претпријатија со цел зголемување на ефикасноста и поодговорно управување.
„Внесуваме нова енергија во системот и поставуваме основа за поодговорно управување“, порача Проданоски.
Со ова, локалната власт во Прилеп најавува интензивна градежна и развојна сезона, со фокус на инфраструктурата, урбаното уредување и подобрување на јавните услуги.









