Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, засновано на пријателство, заемна доверба и почит. Сиљановска-Давкова изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан.
Претседателката се заблагодари за континуираната проектна помош што Швајцарија ја обезбедува во различни области, со што таа е меѓу најголемите билатерални донатори во земјава. Таа ја истакна и важноста на швајцарската поддршка за стратешките определби на државата, оценувајќи ја како јасен показател за посветеноста на Швајцарија кон стабилноста, развојот и европската иднина на регионот.
Соговорниците ја нагласија улогата на бројната македонска заедница во Швајцарија како значаен фактор за унапредување на билатералните односи.
Во разговорот беше истакната и потребата од интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, како и од поттикнување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изрази сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана за новогодишната ноќ, оценувајќи ја како болен потсетник на трагедијата во Кочани, која остави длабоки траги во македонското општество.









