Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најостро ги демантира денешните обвинувања од страна на СДСМ, оценувајќи ги како неосновани, манипулативни и свесно лажни, со цел да се прикрие одговорноста за долгорочни финансиски проблеми во енергетскиот сектор.
Во реакцијата, ресорното министерство истакнува дека коментарите на СДСМ се однесуваат на реалната состојба со државниот буџет и можноста за финансирање големи проекти, вклучително и изградбата на хидроцентралата „Чебрен“. Министерството посочува дека ја информира јавноста отворено за финансиските предизвици, нагласувајќи дека ниту еден проект не треба да биде приоритет ако тоа значи запирање на средства за здравството, образованието и другите клучни јавни инвестиции.
Според соопштението, ограничувањата во капиталниот буџет се последица на „години недомаќинско, хаотично и неодговорно управување“ во минатото, што, како што се наведува, ја отежнувало реализацијата на стратешки капитални проекти. Министерството тврди дека сегашното раководство вовело ред и систем, отворајќи можности за инвестиции и транспарентен пристап за домашни и странски компании.
Во заклучокот на демант-соопштението, Министерството повторно ја истакнува својата посветеност на одговорно планирање, финансиска дисциплина и стабилност на државата.









