2.8 C
Skopje
2 February, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeЕкономијаЕкономисти предупредуваат: Законот за пушење носи удар врз буџетот

Економисти предупредуваат: Законот за пушење носи удар врз буџетот

- Advertisement -spot_img

Можно намалување на буџетските приходи, притисок врз трговијата и зголемен ризик од ширење на црниот пазар – вакви последици најавуваат економските аналитичари доколку Законот за заштита од пушење биде усвоен во актуелната, ригорозна форма. Според експертите, клучното прашање е дали државата ќе може да го надомести евентуалниот пад на приходите од акцизи и ДДВ, без тоа да се префрли како нов товар врз граѓаните.

Овие предупредувања доаѓаат во чувствителен фискален момент, кога буџетскиот дефицит за 2026 година е планиран на 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ. Аналитичарите посочуваат дека дополнителен проблем може да биде поттикнувањето на нелегалната трговија, што би ја зголемило сивата економија, која според проценките веќе достигнува околу 30 проценти од вкупната економска активност, со годишен обем од над 700 милиони евра.

Претседателот на Сојуз на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, апелира законските измени да не се носат избрзано. Тој предупредува дека последиците по јавните финансии би можеле да бидат сериозни, потсетувајќи на искуството од 2010 година, кога беше воведен сличен закон.

„Мора внимателно и темелно да се анализира влијанието, особено врз тутунската индустрија. Приходите од оваа дејност се проценуваат на околу 250 милиони евра. По воведувањето на законот во 2010 година, според одредени анализи, приходите од тутунот се намалија за околу 10 проценти, што значеше и значителен удар врз буџетот, преку акцизите и ДДВ“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој смета дека е потребно пофлексибилно законско решение, кое ќе направи разлика меѓу класичните тутунски производи и алтернативните никотински производи без согорување и чад. Дополнително, бара да се предвиди транзициски период за бизнисите, со цел да се избегнат загуби и можни злоупотреби.

„Што ќе се случи со веќе набавените залихи кај трговците? Ако нема јасно решение, дел од тие производи може да завршат на црниот пазар. Законот може да се донесе, но начинот и динамиката на неговата примена се суштински“, вели Ѓорѓиевски.

Слични забелешки има и универзитетскиот професор од Факултетот за земјоделски науки и храна, Златко Арсов, кој доставил повеќе амандмани преку системот ЕНЕР. Тој предлага производите да останат во промет до исцрпување на залихите, како и да се остави рок од најмалку 18 месеци за угостителите и трговците да се усогласат со новите правила.

Арсов укажува дека тутунските производи се меѓу највисоко оданочените и претставуваат значаен извор на приходи за државата. „Акцизата и ДДВ-то сочинуваат околу 70 проценти од малопродажната цена. На годишно ниво, во буџетот од тутунските производи влегуваат меѓу 400 и 450 милиони евра, што е сериозна ставка за јавните финансии“, нагласува тој.

Претходно со слични предупредувања излезе и Стопанска комора на Македонија, како и Групацијата на производители на цигари при Комората. Според нив, предложениот закон може да има негативни ефекти врз целата економија, особено врз малите и средните претпријатија, како и врз стабилноста на буџетските приходи. Тие предупредуваат дека строгите забрани на домашниот пазар би можеле дополнително да ја поттикнат нелегалната трговија со тутунски производи, со директни последици врз државната каса.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img