Додека за случајот во Кочани обвинителните акти се пишуваа под диктат на јавниот гнев, со конструкција според која „системот е виновен“, па затоа „сите мора да одговараат“, без разлика на степенот на индивидуална вина, Швајцарците покажаа дека вистинската истрага бара прецизен скалпел, а не чекан. Затоа сега клучната теза на Јавното обвинителство се распаѓа, а сведоштвата на неговите сведоци покажуваат дека истрагата била дефокусирана од вистинските причини за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во ерата на социјалните медиуми, јавната перцепција на правдата често се гради со брзината на апсењата, а не со цврстината на доказите. Кога на 1 јануари 2026 година, во швајцарскиот бар „Ле Констеласион“ во пожарот настрадаа 40 луѓе, светската јавност очекуваше „челична тупаница“ од швајцарските власти. Но, она што следеше е лекција по правна одмереност, која македонското Јавно бвинителство, за жал, ја пропушти во случајот со дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Претходното раководство на Јавното обвинителство очигледно имаше проекција дека брзината е позначајна од суштинската издржаност на Обвинителниот акт. Македонија, навистина, е далеку од стандардите на швајцарскиот правен систем, но оваа поука и пример, можеби треба да се анализира и следи.
Додека во Македонија обвинителните акти се пишуваа под диктат на јавниот гнев, опфаќајќи широк круг луѓе, од сопственици до административци кои можеби немаат директна вина, Швајцарците покажаа дека вистинската истрага бара прецизен скалпел, а не чекан. Можеби новите постапки, случувања и одлуки на Јавното обвинителство во врска со дефинирање на конкретната одговорност во случајот со осомничените полицајци, ќе создаде простор јавноста, но и семејствата на загинатите и повредените, да добијат конкретна, точна и навремена правда, наместо богат плен во овој бесправен „лов на вештерки“.
Швајцарскиот преседан: Факти пред емоции
Случајот во Кран Монтана е школски пример за тоа како изгледа кога истрагата не подлегнува на притисок. Иако фактите се застрашувачки – 40 мртви, 116 повредени, мнозинството млади и пожар предизвикан од прскалки на шампањ кои запалиле таванска изолација – швајцарското правосудство одби да игра на картата на популизмот. А двете трагедии, за жал, по многу карактерстики наликуваат една на друга.
Она што се слушува во Швајцарија е прецизно лоцирање на вината, наместо колективна одговорност. Тамошното обвинителство не покрена обвинение против „системот“ во целина, туку се фокусираше на конкретни, докажливи дејствија. Истрагата утврди дека сопственикот Жак Морети сам ја купил и ја поставил звучната изолација од обична продавница, без стручен надзор. Дополнително, тој самиот признал дека сервисната врата била заклучена одвнатре, и кога ја отворил, нашол тела зад неа.
Француските медиуми објавија дека Жак Морети бил личност чие минато и деловни практики предизвикале сериозно внимание од јавноста. Претходно, во Франција, тој бил предмет на судски постапки поврзани со дела како проституција, киднапирање и незаконско држење. Во 2005 година тој отслужил двегодишна затворска казна за измама, а во 2008 година бил осуден на 12 месеци затвор за тешко подведување, поради неговата вмешаност во случај во кој било утврдено дека регрутирал повеќе жени за проституција, ја организирал нивната активност, одредувал цени и остварувал финансиска корист од нивната сексуална експлоатација.









