ССМ не сакаше да го потпише колективниот договор со кој платата на администрацијата ќе се зголеми за околу 40 проценти во период од четири години, односно до април 2028 година, под услов во колективниот договор да се избрише делот кај што стојат платите и во тој период да репреговараат. Тоа го повтори денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по настан на Економскиот факултет при УКИМ организиран од „Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Еразмус+”, подвлекувајќи дека ССМ не сакал да се откаже од општиот колективен договор кој претходно го потпишале, а чија важност престанала.
Тој појасни дека ако просечната плата е 30.000 денари, сега во април месец за мартовската плата, ќе имало нивелирање за минималната плата, која ќе се зголеми.
– Да претпоставиме дека таа ќе се зголеми за 1.500 денари. Тогаш, овие 30.000 денари плус 1.500 денари зголемени за 8 проценти ќе дадат збир X парички. Следната година, април 2027, тие X парички повторно ќе се зголемат за минималната плата, да предпоставиме дека ќе биде повторно 1.500 денари. Тој збир X плус тие 1.500 денари, ќе се зголемат за нови 8 проценти и ќе добиеме У парички. Третата година, 2028, во април овие У парички повторно ќе се зголемат за минималната плата од 1.500 денари и сето тоа, ќе се зголеми повторно за 8 проценти и ќе добиеме Z парички. Овие Z парички ќе бидат за минимум 40 проценти повеќе од 30.000 денари, рече Мицкоски.
Го повтори условот за потпишување на тој договор, а тоа според него, е во колективниот општ договор, делот кај што стојат платите, да се избришат и во периодот од три години да го репреговараат.
– Доволен период имаме од три години да постигнеме договор. А во меѓувреме, имаме колективен договор, имаме 95 отсто од вработените кои што се дел од одговорностите на Владата, која што е работодавач и со тоа Владата со своите вработени си ги регулирала односите до 2028 година. И со тоа ние сме завршиле. Значи, остануваат сега уште овие 7.787 вработени од вкупната државна администрација, истакна Мицкоски.
Тоа, додаде, ССМ не сакал да го потпише.
– Велеа вака, „како сега ние ќе се откажеме од општиот колективен договор тој дел, кога ние сме го подпишеле со Тренчевска“. Јас велам, вие не се откажувате. Важењето на општиот колективен договор е престанато. Во завршните и преодни одредби стои, дека „тој останува во важност до носење на друг“. А ние, ако го избришеме делот на платите, кој што е дел од општиот колективен договор, и е збунувачки, може да се толкуви вака и така, ќе се повикаме на овој нов гранков договор, кој што ќе го потпишеме со Синдикатите гранкови за државната администрација, рече Мицкоски.
Според него, периодот од три години е доволен да преговараат за тој дел од општиот колективен договор.
– И во рок од тие три години, ќе испреговараме дел, што ќе биде повторно, дел од општиот колективен договор. И они тоа не го прифаќаат. Како, вика, ние сега сме го подпишале, тој е договор, како сега ние самите себе ќе се бришаме. Тоа не е мој проблем. Јас нудам решение. Ако ние не сме доволно зрели како општество, да за помалку од три години не подпишеме, тогаш не сме зрели ни за држава. Ама ја мислам дека сме зрели, подвлече премиерот.
ССМ денеска ја повика Владата в понеделник да го потпишат колективниот договор со кој, како што велат, ги зголемува платите на вработените за 40 проценти и наместо во 2028 година, да почне од февруари 2026 година. За следната недела најавија блокади, а останува и одлуката за генерален штрајк доколку не се зголемат платите.









