Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, информираше дека изградбата на булеварот „Цветан Димов“ е веќе вклучена во буџетот на Град Скопје и дека реализацијата на проектот ќе продолжи без одложувања.
Како што истакна Меџити, надлежните институции работат со висок интензитет на обезбедување на целокупната потребна документација, со цел да се надминат сите отворени прашања и да не се доведе во прашање динамиката на градежните работи. Според него, најкритичната точка во проектот е станбениот објект кој се наоѓа спроти основното училиште „Лирија“.
Тој децидно нагласи дека нема да се урива ниту еден деловен објект, а во случај некој граѓанин да биде засегнат со одземање на дел од приватниот имот, ќе следува правично обесштетување.
„Нема деловни објекти што треба да се уриваат. Доколку евентуално на некој граѓанин му биде одземен дел од неговиот имот, тој ќе биде соодветно и правично обесштетен“, изјави Меџити.
Градоначалникот потенцираше дека околу реализацијата на проектот нема дилеми и дека изградбата на булеварот „Цветан Димов“ ќе се реализира согласно планираното, со цел подобрување на сообраќајната инфраструктура и условите за движење во општина Чаир и пошироко.









