Општина Прилеп официјално го воведе електронскиот систем за плаќање на даноци и комунални такси „Е-даноци“, со што граѓаните и компаниите добија можност своите обврски да ги подмируваат онлајн, без потреба од физичко присуство во општинските служби.

Преку апликацијата „Е-даноци“, која е достапна на веб-страницата на Општина Прилеп, даночните обврзници – физички и правни лица – можат брзо и едноставно да го платат данокот на имот и комуналните такси. Од општината посочуваат дека новиот систем е особено корисен за граѓаните кои поседуваат имот во Прилеп, но не живеат во градот и досега немале можност лично да ги подмират своите обврски.
Според податоците на Одделението за администрирање на приходи, вкупниот процент на наплата на даноци во 2025 година изнесува 60 проценти, при што се наплатени околу 137 милиони денари по основ на даноци и комунални такси. Иако наплатата бележи пораст во однос на претходните години, надлежните укажуваат дека сè уште постои значителен износ на ненаплатени средства.
Годишниот приход по основ на данок на имот изнесува над 50 милиони денари за физички лица и над 15 милиони денари за правни лица. Кај комуналната такса – фирмарина, активни се околу 3.500 фирми, со вкупен годишен приход од околу 15 милиони денари, од кои досега се наплатени 44 проценти.
Од Општина Прилеп информираат дека ненаплатените средства по основ на комуналната такса изнесуваат над 50 милиони денари, при што околу 24 милиони денари се резултат на ликвидација или стечај на правни лица. Кај данокот на имот, ненаплатените побарувања изнесуваат околу 60 милиони денари, од кои приближно 15 милиони денари се застарени.
Воедно, од општината потсетуваат дека сите физички и правни лица кај кои има промена во имотната состојба, а досега не поднеле даночна пријава, се должни тоа да го сторат најдоцна до 31 јануари 2026 година.
Воведувањето на електронската наплата на даноци и комунални такси е дел од пошироките напори на Општина Прилеп за модернизација на јавните услуги и унапредување на комуникацијата со граѓаните. Со новиот систем, даночните обврзници добиваат можност своите обврски да ги подмират брзо, безбедно и ефикасно, без чекање и административни бариери, што ја потврдува заложбата на локалната власт за транспарентност и подобар сервис за граѓаните.









