Меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на ниво ‘BB-’ со стабилни изгледи, што претставува јасен сигнал за доверба во економските политики и фискалната стабилност на државата.
Како што соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, оваа потврда е резултат на одговорно управување со јавните финансии, одржување на умерен јавен долг и континуирано и навремено сервисирање на обврските, дури и во услови на глобална економска неизвесност.
Во извештајот, „Стандард и Пурс“ ги нотира заложбите на државата за забрзување на економскиот раст, кој се темели на јавните инвестиции и реализацијата на инфраструктурни проекти, како клучни двигатели на економијата.
„Продолжуваме со политики насочени кон раст, стабилност и подобар животен стандард, со јасен фокус на институционални реформи, владеење на правото и борба против сивата економија“, истакна министерката Димитриеска Кочоска.
Таа нагласи дека потврдениот кредитен рејтинг претставува и значаен сигнал за инвеститорите, дека Северна Македонија е стабилна, предвидлива и одговорна економија, со капацитет за справување со предизвиците и создавање поволна инвестициска клима.
Според оценките, стабилните изгледи укажуваат дека во наредниот период не се очекуваат негативни промени во кредитниот профил на државата, доколку продолжи спроведувањето на сегашните економски и фискални политики.








