По повод Меѓународниот ден на образованието, денеска во Битола се одржа информативно-промотивен настан посветен на можностите што ги нуди програмата „Еразмус+“ и европските образовни партнерства. Настанот го организираше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Настанот го отвори градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ја истакна важноста на соработката меѓу локалната самоуправа и Националната агенција во доближувањето на европските образовни можности до граѓаните, институциите и организациите.


Во своето обраќање, в.д. директорката на Националната агенција, Ана Михајлов, посочи дека Битола, како град со богата образовна, културна и граѓанска традиција, е вистинско место за започнување нов циклус на промоција, информирање и вмрежување на чинителите во образованието. Таа нагласи дека ваквите активности придонесуваат просторот сè повеќе да се позиционира како отворена и достапна точка за средби и размена на искуства.

Во рамки на настанот беа презентирани можностите што ги нуди програмата „Еразмус+“, со посебен осврт на новата акција КА240 – Европски партнерства за унапредување на училишното образование. Присутните имаа можност да се запознаат и со практичен пример од проектот „Еразмус+ Патеки за промена“, презентиран од претседателот на Европскиот културен епицентар – Битола, Веле Георгиев.

Од Националната агенција најавија дека ваквите информативни и промотивни активности ќе продолжат и во наредниот период, со цел што поголем број граѓани и институции да ги искористат можностите што ги нуди европската образовна соработка.








