One Macedonia, подружница на унгарската 4iG Групација, официјално ја доби националната лиценца за работа како трет мобилен оператор во Северна Македонија. Лиценцата свечено беше врачена денеска на церемонија организирана од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што се означи почетокот на долгорочна стратешка инвестиција во дигиталната и телекомуникациската инфраструктура на земјата.

На настанот присуствуваа претставници на АЕК, менаџментот на One Macedonia, како и претставници на националните медиуми. Доделувањето на лиценцата следува по успешно завршената постапка за доделување на радиофреквенцискиот спектар.
Претседателот на одборот на директори на One Macedonia и директор за мобилна стратегија во 4iG Групацијата, Пал Заранди, истакна дека влезот на компанијата на македонскиот пазар е дел од поширока регионална визија.

„Ова не е само лансирање на уште една телекомуникациска компанија. За нас, влегувањето во Северна Македонија претставува стратешко проширување на нашето присуство низ целиот Западен Балкан. Земјата има клучна улога во нашите амбиции за развој на дигиталната инфраструктура, особено во контекст на проектите за подморскиот кабел Албанија–Египет и иницијативата ‘Балкански столб’, поддржана од Европската комисија“, изјави Заранди.
Тој додаде дека географската и стратешката позиција на Северна Македонија ја прави природен јазол за регионалната и континенталната поврзаност на податоци, потенцирајќи дека земјата, како членка на НАТО, има значење и од геополитички аспект.
„Ова е ретка можност да се изгради национален оператор од нула, со најсовремени технологии и корпоративна култура насочена кон корисниците уште од првиот ден“, нагласи Заранди.
Извршниот директор на One Macedonia, Брано Ѓуровиќ, истакна дека компанијата планира инвестиции до 100 милиони евра во изградба и развој на мрежата, отворање нови работни места, обуки и долгорочна соработка со домашни ИКТ-компании.
„One Macedonia не влегува на пазарот само за да се натпреварува, туку за да даде конкретен придонес. Без наследена инфраструктура, имаме можност да поставиме поефикасна, побрза и побезбедна мрежа. Нашата визија е да станеме доверлив дигитален столб на Северна Македонија – инклузивен, безбеден и отпорен“, изјави Ѓуровиќ.
За лиценцата, компанијата инвестираше повеќе од 8 милиони евра, со што, како што посочуваат од One Macedonia, ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на пазарот и градење локални партнерства, целосно усогласени со регулаторните и безбедносните рамки на Европската Унија.
Директорот на АЕК, Јетон Акику, оцени дека доделувањето на лиценцата претставува значаен момент за дигиталниот развој на државата. „Со оваа одлука се отвора пазарот за нова конкуренција, целосно усогласена со европските стандарди. One Macedonia внесува нова динамика и сериозна стратешка посветеност, што ќе придонесе за подобри услуги, повеќе иновации и побезбедна инфраструктура за граѓаните“, изјави Акику.
Церемонијата заврши со заедничка определба за поддршка на конкурентен и одржлив развој на телекомуникацискиот сектор во Северна Македонија.
One Macedonia најавува дека ќе започне со изградба на мобилна мрежа од следната генерација – 5G Standalone (SA), базирана на европски стандарди и со користење доверливи добавувачи, меѓу кои и Ericsson.









