Во моментов се одвива голема полициска акција во скопското село Батинци, каде што на терен се распоредени повеќе полициски екипи, возила на МВР и истражни служби.
Според неофицијални информации, акцијата е поврзана со предмет што се води од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а во јавноста веќе се шпекулира дека таа може да има директна врска со денешните претреси кај апелацискиот судија Ѓоко Ристов, осомничен во корупцискиот случај поврзан со поранешниот народен правобранител Фехми Стафа.
Потсетуваме, утринава Обвинителството изврши претреси кај судијата Ристов поради сомневања за злоупотреба на службената положба и примање мито, а Судскиот совет треба да одлучува дали ќе му биде определен притвор.
Засега од МВР и Обвинителството нема официјална потврда дали акцијата во Батинци е дел од истата истрага, но силното полициско присуство и тајноста на операцијата дополнително ги засилуваат сомнежите дека станува збор за проширување на истрагата во аферата што ја тресе судската власт.








