домаРегионСилно невреме го погоди грчкиот остров Крит: По обилните дождови, поплави и...

Силно невреме го погоди грчкиот остров Крит: По обилните дождови, поплави и голема материјална штета, жителите принудени на авакуација/видео

- Advertisement -spot_img

Околу 22.000 удари од гром се регистрирани на островот Крит и во јужниот дел на Егејското Море во текот на изминатите 24 часа, соопшти денеска грчката метеоролошка служба, додека властите ја проценуваат штетата по обилните дождови и грмотевиците.

Грчката метеоролошка служба наведе дека се очекува обилните дождови да продолжат уште неколку часа пред да се подобрат временските услови.

Уништени се големи површини со земјоделски култури на Крит, додека бројни патишта се поплавени од огромни количини вода.

Оштетени се и многу домови, а пријавени се и прекини во снабдувањето со електрична енергија во неколку области.

Осум работници останаа заглавени во клисурата Самарија во западниот дел на Крит – една од најпопуларните туристички атракции на островот – откако надојдените води ја поплавија патеката, објави информативниот портал „Катимерини“.

Тие се заглавени на околу седум километри од влезот на клисурата, која е долга 13 километри.

Властите им наложија да останат на безбедна локација, бидејќи условите ја оневозможуваат безбедната евакуација.

Еден од работниците изјави за грчкиот јавен сервис ЕРТ дека имаат доволно храна и други залихи за да издржат до среда и дека се во постојана комуникација со властите.

Тој наведе дека веројатно нема да можат да ја напуштат локацијата сè додека не се повлечат буичните води и не престане дождот. Надлежните служби издадоа итно предупредување преку системот 112 до жителите на пошироката област Милопотамос во Ретимно – општина во централно-западниот дел на Крит – повикувајќи ги да го ограничат движењето и да се упатат кон повисоки предели поради лошите временски услови.

Според градоначалникот на Милопотамос, Јоргос Кладос, ситуацијата е особено критична во селото Зонијана, каде што локална река се излеа од своето корито, што доведе до евакуација на блиските домови, пренесе „Танјуг“.

Тој исто така нареди евакуација на населбата Дафнедес.

Во југоисточниот дел на Крит, пожарникарите спасија 23 лица од возила и домови во областите Ферма и Макрис Јалос, во близина на Јерапетра. Патот што ја поврзува Јерапетра со Ситија, град на источниот брег на Крит, претрпе сериозни оштетувања, при што три делници источно од Ферма се целосно отсечени.

Надлежните служби одржуваат високо ниво на подготвеност низ целиот остров Крит и распоредуваат дополнителен персонал за итни интервенции.

Метеоролозите известија дека во областа Ретимно наврнале до 500 милиметри дожд. На островот Родос, во петокот почина германска туристка откако ја удри гром, додека нејзиниот сопруг се здоби со полесни повреди.

Се очекува временските услови да се подобрат, соопшти метеоролошката служба.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img