Коалицијата ВЛЕН се прогласи за апсолутен победник на локалните избори, откако освои 10 општини, оценувајќи дека резултатите се силна потврда за довербата и поддршката што Албанците ја дадоа за промени на локално ниво.
Од коалицијата информираат дека со повтореното гласање во Гостивар и Врапчиште, кое заврши вчера, официјално е затворен изборниот процес. Во таа насока, ВЛЕН им ја честита победата на опозициските кандидати Валбон Лимани и Исeн Шабани.
„Овие избори јасно покажаа дека Албанците зборуваа со еден глас. Освоените десет општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците – сила што води, обединува и носи долгоочекувани промени“, се наведува во соопштението.
Од коалицијата најавуваат дека ќе продолжат со одговорна работа во интерес на граѓаните и Албанците насекаде, со цел довербата да ја претворат во конкретни проекти и реален локален развој.









