Панхеленската музичка асоцијација јавно ја осуди постапката на градоначалникот на Лерин, оценувајќи ја како „неприфатлива“ и спротивна на основните принципи на уметничка слобода и културен плурализам.
Реакцијата следи по инцидентот на традиционален музички концерт во Лерин, кога, според пријава на групата Banda Entopica, градоначалникот интервенирал со уред за снимање, барајќи да се исклучи озвучувањето затоа што во програмата биле вклучени песни на словенски дијалект. Во исто време, како што наведува бендот, на бината се искачил друг учесник кој физички оттурнал член на составот и извикал дека „такви песни тука нема да се изведуваат“.
Од Панхеленската музичка асоцијација посочуваат дека ваквите постапки не се изолиран случај, туку дел од долгогодишна практика на ограничување на јазикот, песните, обичаите и културата на малцинствата во Грција, и тоа и покрај официјалните декларации за „почит“ и „инклузивност“.
Во соопштението се нагласува дека настаните се резултат на систематско поттикнување омраза врз основа на јазик, религија и културна припадност, со цел да се мобилизира јавноста зад политиките на владејачките елити. Асоцијацијата предупредува дека културата се користи како алатка за оправдување геополитички сојузи и спорови, при што на удар не се само словенските говори, туку и арапскиот, албанскиот и турскиот јазик, како и различните религии – особено исламот – кои често се стигматизираат.
Панхеленската музичка асоцијација упати јавен повик до музичарите и граѓаните да се дистанцираат од оние што шират омраза и да ја бранат уметничката слобода. „Луѓето немаат ништо што ги разделува — тие можат да се обединат во заедничка борба за иднина без војни и бегалци, без сиромаштија и експлоатација“, се вели во пораката.
Случајот повторно ја отвори дебатата за слободата на културно изразување и правата на малцинствата во јавниот простор во Грција, а реакциите од музичката и пошироката јавност продолжуваат да се редат.







