Со изборот на Беким Сали за прв вицепремиер и министер за европски прашања и Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање, коалицијата ВЛЕН јасно го поставува правецот на своето делување – кон реформи, кон Европа и кон држава што работи во интерес на граѓаните.
Именувањето на Беким Сали претставува потврда за политички профил со интегритет, искуство и визија. Како пратеник, Сали важеше за еден од најактивните и најконструктивните гласови во Собранието, со иницирање и поддршка на конкретни законски решенија во интерес на граѓаните и унапредување на институционалните стандарди. Во новата улога како прв вицепремиер и министер за европски прашања, тој ја презема одговорноста за една од стратешките определби на ВЛЕН и на Владата – европскиот пат на државата. Со лидерство, професионалност и решителност, Сали ќе работи на интензивирање на реформите и враќање на довербата дека европската интеграција е реален, мерлив и неповратен процес.
Подеднакво значајно е и именувањето на Мухамет Хоџа на чело на Министерството за животна средина и просторно планирање. Во период кога заштитата на животната средина, уредувањето на урбаниот простор и одржливиот развој се меѓу клучните предизвици, овој ресор бара сериозна работа, стручност и храбри одлуки. Од ВЛЕН истакнуваат дека веруваат оти Хоџа ќе го води секторот одговорно, ставајќи го јавниот интерес пред секоја друга сметка и носејќи политики што ќе ја заштитат животната средина, ќе го уредат просторот и ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
Според ВЛЕН, овие именувања јасно покажуваат дека коалицијата промовира кадри кои работат, а не само зборуваат, кои спроведуваат реформи, а не импровизираат, и кои државата ја гледаат како сервис за граѓаните, а не како партиска сопственост. Со Беким Сали и Мухамет Хоџа на овие клучни позиции, Владата добива нова енергија, јасна европска ориентација и капацитет за конкретни резултати.
Во соопштението, ВЛЕН повторува дека останува посветена на длабоки реформи, европска интеграција и градење институции кои работат со чесност, транспарентност и одговорност.
На крај, од коалицијата изразуваат почит и благодарност до досегашните министри Орхан Муртезани и Изет Меџити за нивниот значаен придонес, одговорното раководење и коректната соработка.







