Разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски речиси сигурно се очекува да се случи на утрешната собраниска седница . Предлогот на Владата ќе биде ставен на дневен ред уште денеска, соопшти претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите. Со што практично, се реализираат најавите по поднесениот предлог од Владата дека неговото разрешување ќе оди експресно.
Коцевски, веќе се изјасни дека има намера да присуствува на парламентарното заседание кога ќе се дебатира за неговата смена и да се произнесе по него. Покана до него да се појави во законодавниот дом се уште не е испратена, но првиот парламентарец Гаши беше дециден дека веднаш штом ќе се официјализира предлогот за разрешување како точка на дневен ред, Коцевски ќе биде известен и поканет да присуствува.
На тој начин, јавниот обвинител ќе има можност да даде отчет за неговата речиси двегодишна досегашна работа и да се произнесе за наводите на владиниот предлог за негово разрешување и да ги изнесе своите аргументи за работата. Владата на последната седница усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што го достави до Собранието. Портпаролката на Владата, Марија Митева во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.
Разрешувањето на Коцевски, најавено за утре, е епилог на јавно искажаното незадоволство за неговата работа од актуелната власт, практично од самиот почеток на формирањето на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во средината на минатата година. Таквото незадоволство кулминираше во февруари годинава кога Владата отвори постапка за негово разрешување поткрепувајќи го тоа со ставот дека е „разочарана од неговото постапување надвор од законските надлежности“, како и од функционалноста на самото Обвинителство како правосуден орган.
Предлогот за разрешување беше замрзнат во првите денови по големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 63, а над 200 беа повредени, од кои некои подоцна им подлегнаа на повредите. Премиерот Мицкоски тогаш образложи дека предлогот за разрешување на Коцевски ќе биде ставен „ад акта“ до завршувањето на истрагата во Кочани и поднесувањето на обвинителен акт.
Во меѓувреме, препирките на релација Влада – јавен обвинител резултираа и со изгласување на интерпелација за него во Собранието. Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица. Но, таа немаше правни последици што би резултирале со негово заминување од позицијата. По, утрешното разрешување кое е повеќе од извесно, Гаши најави распишување на јавен конкурс и избор на нов јавен обвинител според законските прописи и собранискиот Деловник што е можно побргу.








