Берат Јакупи, едно од најуспешните и најценети имиња на карате спортот во земјата, донесе одлука да ја заврши својата активна спортска кариера и да се повлече од натпреварувањето, по едно исклучително патување исполнето со успеси.
За време на својата кариера, Берат Јакупи постигна резултати од највисоко меѓународно ниво, оставајќи историски белег во македонското карате.
Главни спортски достигнувања:
Прв на светската ранг-листа во својата категорија.
Два европски медали во сениорска конкуренција: вицешампион на Европа (второ место) и бронзена медала (трето место).
Четирикратен европски шампион во кадетска, јуниорска и У21 конкуренција.
Бронзена медала на Светското првенство У21.
Европски и Светски шампион за универзитети.
Повеќекратен балкански и државен шампион.
Трикратен „Најдобар спортист на Македонија“.
Истакнат спортист на клубот Работнички со континуирани врвни резултати.
Неговата кариера беше проследена со достојно претставување, професионална дисциплина и исклучителен придонес за развојот на карате спортот, инспирирајќи многу млади генерации.
Јакупи вчеравечер на свечен настан во Центарот за култура АСНОМ ја заокружи долгогодишната успешна спортска кариера преку која испиша историја во каратето на Македонија.
„Има многу луѓе коишто ми помагаа во мојата кариера, бескрајно сум благодарен на секој од нив. Верувале во мене и ми помагале уште од мали нозе, сакале да станам голем шампион. Сме станувале заедно во 5 часот наутро да тренираме, сме поминале тешки моменти кога сме ги анализирале противниците и заедно сме наоѓале решение како да стигнеме до победа. Ви благодарам од срце“, кажа меѓу другото Јакупи.







