Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, со голема гордост го најави првиот Новогодишен базар во целосно нов, свечен и збогатен формат – манифестацијата која го носи името „Прилепска празнична приказна“.
Оваа година, Прилеп ќе пулсира во вистински празничен дух. Базарот ќе трае седум дена и ќе понуди богата програма исполнета со музички настапи, креативни работилници, тематски активности и бројни изненадувања за посетителите од сите возрасти.
Градоначалникот Проданоски упати и посебна благодарност до компанијата „Витаминка“, која е покровител на настанот и оваа година одбележува 70 години постоење. Како што истакна Проданоски, поддршката од компанијата ќе внесе „волшебство и празнична магија“ во првиот новогодишен базар во овој формат.
„Ве покануваме да го започнеме најубавиот период од годината и заедно да ја испишеме најубавата Прилепска празнична приказна,“ порача Проданоски во најавата.
Манифестацијата се очекува да стане нова празнична традиција на Прилеп и атракција која ќе го збогати зимскиот туристички и културен живот на градот.









