Ова е јасен показател дека институциите работат со динамика која им доликува на граѓаните. Станува збор за предмети од сите правни основи, за кои отсега ќе стане пракса да се изработуваат со забрзано и уредно темпо. Овие готови решенија во најкраток можен рок ќе бидат дистрибуирани до даночните обврзници. Од овој момент, ниту едно решение без правен спор нема да заглавува во административни лавиринти, се вели во објавата на градоначалникот Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој наведува дека го враќаат редот, одговорноста и навременото постапување.
– Граѓаните мора да ги добиваат услугите тогаш кога им се потребни. Тоа е принцип од кој нема отстапување, исто како што беше ветено во мојата изборна програма. Почитувани, правиме сериозни напори за зголемување на приходите на Градот, со цел навремено подмирување на обврските во интерес на сите граѓани. Апелираме до сите физички и правни лица да ги исполнуваат своите обврски кон Град Скопје навремено и одговорно. Време е сите да дадеме свој придонес. Заедно, да го придвижиме Скопје напред, стои во објавата на Ѓорѓиевски.








