Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски го почна новиот мандат од четири години во Општината со средба со противкандидатите за градоначалници, Билјана Ивановска и Марија Среброва. Кандидатот кој влезе во вториот круг Мирослав Лабудовиќ морал да откаже поради работни обврски.
„Конструктивен и искрен разговор со моите противкандидатки од локалните избори, Билјана Ивановска и Марија Среброва. За жал, на мојата покана не се одзва Мирослав Лабудовиќ поради работни обврски. На средбата, на која присуствуваше и мојот тим, дискутиравме за сите важни теми и ги слушнавме идеите и предлозите на моите две противкандидатки во изборниот процес. Со оглед на нивните искуства, Среброва како советник во Советот на Општина Центар и Ивановска како поранешна претседателка на ДКСК, очекувам нивен придонес во развојот на нашата општина. Се надевам дека оваа отворена и искрена комуникација ќе продолжи и во иднина, со цел да создадеме заеднички решенија за подобар Центар“, напиша Герасимовски.









