Општина Битола интензивно работи на развој на Потпелистерието во вистинска туристичка дестинација достапна во текот на целата година, преку модерни инфраструктурни проекти и нови содржини што ги обединуваат природата, авантуризмот и локалниот развој.
Градоначалникот Тони Коњановски го потпиша договорот за изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола од селото Дихово до врвот Пелистер, која ќе овозможи нова димензија во туристичката понуда и ќе го постави Пелистер како четирисезонска дестинација. Проектот предвидува детална анализа на теренот, можности за летни и зимски активности и планирање на потребната инфраструктура.
Паралелно, Општината поддржува изградба на Авантуристички парк на Пелистер, како и реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“, кој повторно ќе стане центар на планинарскиот туризам.
Во насока на подобрување на пристапноста, реконструирани се повеќе локални патишта – во селото Цапари, патот Трново–границата со паркот, и инфраструктурата во Брусник, каде што се изгради колектор за фекална канализација и обновен коловоз. Дополнително, во Националниот парк се реализира колекторски систем и пречистителна станица, со што се обезбедува чиста животна средина и одржлив развој на туризмот.
Во зимскиот период, преку соработка со ЈП „Пелалинк“, беше обезбеден бесплатен превоз до скијачките центри Нижеполе и Копанки, кој го користеле над 600 граѓани – најмногу млади љубители на зимските спортови.
Со овие проекти, Општина Битола ја поставува основата за интегриран планински туризам, во кој инфраструктурата, екологијата и рекреацијата се спојуваат во единствена цел – да го направат Пелистер препознатлива дестинација за домашни и странски посетители.









