Министерството за животна средина и просторно планирање денеска официјално го започна процесот на санација на дивата депонија во Никуштак, општина Липково, која е евидентирана како една од најкритичните локации во Националниот план за управување со отпад .
Оваа депонија долгорочно претставува закана за животната средина и здравјето на граѓаните – чести пожари и континуирано загадување го загрижуваат локалното население и жителите од околните општини .
За реализацијата на проектот од Буџетот за 2025 година се обезбедени околу 5 милиони денари, како и механичка опрема која ќе овозможи безбедно справување со отпадот. Откако беа исполнети техничките предуслови, денеска почнаа градежните активности на терен .
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, нагласи дека санацијата на депонијата е важен чекор во заштитата на јавното здравје и за унапредување на условите за живот во општина Липково и регионот. „Нема повеќе време за чекање“, порача тој, и додаде дека институциите мораат да дејствуваат решително и конкретно на терен .
Проектот има за цел значително да ја намали прекумерната изложеност на отпад и загадување, кои долги години го оптеретуваа локалното население, и да придонесе кон подобра животна средина и здравствена заштита за сите жители во регионот.









