Градоначалникот на Битола Тони Коњановски учествуваше на Саемот-отчет „4 години работа за тебе“, организиран од ВМРО-ДПМНЕ. Настанот се одржа во Скопје, каде што градоначалници и претставници на партијата на регионални панели ги претставија своите постигнувања во изминатиот период.

На вториот ден од саемот акцент беше ставен на инфраструктурните проекти, локалниот развој, вклучувањето на граѓаните во процесите на одлучување и соработката со меѓународни партнери.

Во своето обраќање, Коњановски потенцира дека реализираните проекти се резултат на континуирана работа и имаат за цел подобрување на условите за живот во Битола. „Гордост е да се видат резултатите од изминатите четири години работа за граѓаните — стотици проекти кои значат подобар живот во општина Битола. Продолжуваме уште посилно за Битола и за Македонија“, изјави тој.









