Алта Банка АД Белград ја објави својата намера за упатување на јавна понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. Според објавата на Македонската берза, понудената цена по акција изнесува 3.777 денари.
Алта Банка, заедно со поврзаните лица, во моментов поседува 19.439 обични акции, што претставува 4,97% од вкупниот број издадени акции на битолската банка.
Во соопштението е нагласено дека постапката е условена со добивање на претходни одобренија од надлежните институции во Северна Македонија, вклучувајќи ја и согласноста од Народната банка на Република Северна Македонија. Дополнително, неопходно е и таканаречено „странско одобрение“ – претходно одобрување за стекнување од страна на Народната банка на Србија.
Од Алта Банка информираат дека одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија веќе е обезбедено, што претставува значаен чекор во процесот.
Со оваа намера, српската банка ја зајакнува својата стратегија за проширување на присуството во регионот и најавува засилување на конкуренцијата на банкарскиот пазар во Северна Македонија.









