Општина Битола го стартува проектот „Доградба на коловоз на локален пат за село Буково“, и веќе е завршено асфалтирањето на првата делница – со должина од 600 метри. Ова е значаен чекор кон подобрување на инфраструктурата и безбедноста во руралните подрачја.
Во рамките на работите беше поставен првиот асфалтен слој на десната страна од коловозот. Претходно, е извршена стабилизација на банкината и инсталирани се префабрикувани бетонски каналети за ефективно одводнување.
По барање на жителите на Буково, патот беше проширен за по 1 метар од двете страни — со што неговата вкупна ширина сега изнесува 5,50 метри. Ова е значајна инфраструктурна подобрување, особено од гледна точка на сообраќајната безбедност.
Проектот вреди 19.690.365 денари, а за изведба е ангажирана компанијата ЗИМАК Стретен ДООЕЛ од Битола.
Од Општина Битола истакнуваат дека оваа акција е составен дел од нивните постојани заложби за унапредување на локалната инфраструктура и зголемување на безбедноста во сообраќајот.









