Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска најавија дека беа испратени вкупно 106 пратки со хуманитарна помош во Појасот Газа, и тоа од авиони на Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Германија, Холандија, а за прв пат и од Грција и Италија.
Во секоја пратка има околу еден тон храна, извести „Тајмс оф Израел“.
Од 26 јули, Израел усвои нова политика која овозможува поголем број хуманитарни испораки до Газа, при што повеќе од 1.000 пакети со помош од десетина земји, вклучувајќи го и Израел, биле испратени од авион во оваа енклава.
Според информациите, пакетите што ИДФ ги исфрли од воздух се дистрибуирани преку меѓународни хуманитарни организации. Израел ја измени својата политика под зголемениот меѓународен притисок поради кризата со глад во Газа, но испораките од воздух претставуваат само мал дел од потребната помош што може да влезе по копнен пат, споменува „Тајмс оф Израел“.









