Од 1 до 3 август, во срцето на планината Бистра, фестивалот ќе биде место на среќавање за автори и публика, за смели идеи и длабоки емоции, за традиција и современост. Оваа година, програмата ќе понуди филмови што го преиспитуваат светот, што допираат длабоко, што зборуваат гласно – и тивко.
„Галичник не е само локација – тоа е став, историја и инспирација што се прелива на големо платно,“ вели директорката на фестивалот, Јана Пауноска.
„Горди сме што токму тука ги прикажуваме овие 35 филмови – на место каде што секој камен има приказна, а секој залез изгледа како последен кадар.“
Фестивалот годинава се случува без поддршка од Агенцијата за филм, но со огромна верба – во филмот, во местото, и во луѓето што не се откажуваат.
Галичник повторно станува филмска зона – меѓу камените куќи, ехото од „Тешкото“, и погледи што не се купуваат – благодарение на пријатели, фирми со слух и поддржувачи кои веруваат дека на културата не ѝ треба дозвола за да постои.
Галичник Филм Фестивал продолжува да ја шири културата надвор од урбаните центри и да создава простор каде автентичниот авторски глас блеска. Во амбиентот на амфитеатарот кај Упија, под отвореното небо и меѓу старите дрвја, филмот оживува со посебна топлина и магична енергија.
Целосната програма е биде објавена на: www.galichnikfilmfestival.com.









