Над 85,5 милиони евра ќе бидат инвестирани во реконструкција и зголемување на енергетската ефикасност на девет студентски домови, еден дом за ученици од средните училишта и шест училишта со ресурсни центри за ученици со посебни потреби.
„Оваа програма, ЕУ во соработка со Германската инвестициска банка и Министерството за образование на РСМ, ја поддржува државата за реконструкција на студентските домови, со цел да се обезбедат подобри услови за живот на студентите и да се подобри енергетската ефикасност на објектите“, изјави Стефано Ерело, раководител на Секторот за соработка при Делегација на ЕУ во земјава.
Проектот има за цел да ги подобри условите за живеење и учење за над 5 илјади ученици и студенти и ќе се реализира во три фази. Првата фаза ги опфаќа домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Реконструкцијата на „Стив Наумов“ е при крај, додека „Кузман Јосифовски-Питу“ се очекува да биде завршен до крајот на оваа година. Работите ќе опфаќаат не само системи за греење, туку и санитарни и електрични инсталации, безбедносни мерки и заеднички простории. Во четири студентски домови ќе се применуваат уште повисоки стандарди за енергетска ефикасност.
Овој проект е најголемата инвестиција што се случува во нашата држава во последните децении за студентското сместување. Нашата суштинска цел е овие објекти во иднина суштински да функционираат поинаку, бидејќи сметките се преполовуваат, се поставуваат обновливи извори на енергија, при што самите домови произведуваат електрична енергија и, нормално, се намалуваат емисиите на јаглерод диоксид и гасови, истакна Дамјан Стојковски од единицата за спроведување на проектот при Министерството за образование и наука.
Од буџетот од 85,5 милиони евра, 60 милиони се обезбедени преку кредити од Германската развојна банка KfW, 21 милион евра се грантови од Европската Унија, додека 3,85 милиони евра ги обезбедува Министерството за образование и наука.
„ЕУ обезбедува средства за инвестиции и техничка поддршка, кои се комбинираат со задолжување од банките. Банките се Германската инвестициска банка или Европската банка за обнова и развој. Значи, со комбинирање на грантовите со задолжувањата, финансирањето на инвестициите станува попривлечно за Владата. Владата има за цел да ја намали потрошувачката на енергија во јавната инфраструктура, во зградите или индустрискиот систем за 50%. Со тие заштеди можат да го отплаќаат задолжувањето“, потенцираше Оливер Јунгер, менаџер на портфолио во Развојнатаа банка KFW-Франкфурт.
Проектот се очекува да биде завршен до декември 2031 година, а со обезбедување дополнителни средства, вкупната вредност на инвестицијата може да надмине 100 милиони евра.






