домаМакедонија16-та седница на Уставниот суд

16-та седница на Уставниот суд

- Advertisement -spot_img

Уставниот суд денеска(10.06.2026) во 9:30 ќе ја одржи 16. седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира за осум предмети во кои се бара оценување на уставност изаконитост и да се донесат две конечни одлуки.

Седницата ќе може да се следи во живо на веб-страницата на Судот:

Пренос во живо

Реферат У.бр.40/2025
Оспорени одредби: член 22 став 1 во делот „актите“ и член 26 во делот „акт“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека без критериуми поподробно опишани во законот, се пропишуваат надоместоци на членовите на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители на арбитререн начин. Наведува дека оспорените делови не се јасни и прецизни. Според подносителот, со член 22 став 1 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, членовите на Програмскиот совет, со исклучок на директорот, имаат право на месечен паричен надоместок согласно со актите на Академијата. Тој тврди дека е спорно тоа што надоместокот на членовите на Програмскиот совет не може да биде повисок од 45% од просечната месечна плата исплатена во Републиката во последните три месеци (член 22 став 1 од Законот),но со оспорените делови, односно со зборот „актите” се остава можност со подзаконскиот акт за кој не е јасно по чиј предлог се донесува тој акт, без критериуми поподробно опишани во Законот, да се пропишуваат надоместоци на членовите на Програмскиот совет на арбитререн начин. Сето ова, се наведува дека е спротивно на владеењето на правото.

Реферат У.бр.41/2025
Оспорени одредби: член 32 став 2 во делот „може“ и делот „одлуките“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/2023 и 53/2024).

Подносител на инивијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Во иницијативата се наведува содржината на член 32 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, според која Управниот одбор може да донесе одлука за објавување јавен оглас од ставот (1) на овој член и по апелационо подрачје врз основа на одлуките доставени од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

Според подносителот, нејасно е зошто е оставено како прашање на избор на Академијата да „може“ да донесе одлука за објавување на оглас за прием на слушатели на почетна обука, кога според Законот за Академија за судии и јавни обвинители се предвидени други надлежности за Академијата.

Подносителот тврди дека оспорените делови се нејасни и непрецизни.

Реферат У.бр.117/2025
Oспорен акт: член 147 и член 148 став 2 и 4 од Законот за служба на Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024).

Подносител на иницијативата: Мултиетнички синдикат од Скопје

Содржина на оспорените одредби:

Член 147

Вредноста на бодот за плата на активниот воен персонал се утврдува со решение на министерот за одбрана.

Член 148

(2) Основната плата ја сочинуваат минимални бодови, како и бодовите кои се определуваат според чинот, должноста, армискиот додаток и работното искуство.

(4) Минималните бодови на плата се минимален број на бодови за плата што ја добива секој активен воен персонал кој изнесува 606 бода.

Од наводите во иницијативата:

Подносителот во иницијативата наведува дека со оспорените одредби, законски утврдената минимална плата како гарантиран износ се заменува со систем на плата изразен преку бодови, при што вредноста на бодот, наместо со закон, е утврдена со решение на министерот за одбрана

Се наведува дека во оспорените одредби, минималната плата е заменета со 606 бодови и нема законска гаранција дека со пресметка на бројот на бодови и вредноста на бодот ќе обезбеди плата најмалку во висина на утврдената минимална плата. Доколку вредноста на бодот резултира со износ понизок од законски утврдената минимална плата, тоа, според наводите во иницијативата претставува директна повреда на законот и на начелото на владеење на правото. Подносителот тврди дека по донесувањето на измените на Законот за минимална плата во 2024 и 2025 година, не било извршено усогласување на вредноста на бодот со зголемувањето на минималната плата на национално ниво, што според него е доказ дека системот овозможува „замрзнување“ на платите на активниот воен персонал и покрај растот на минималната и просечната плата и зголемените трошоци на живот и претставува повреда на социјалните и економските права на вработените во Армијата.

Реферат УЗ.бр.72/2025
Оспорени одредби: Член 7 став 2 точки 1 и 5 од Правилникот за контрола на квалитетот на работењето на субјектите на контрола на квалитет бр. 0202362/1 од 10.10.2024 година, донесен од Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, согласно член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.

Подносител на иницијативата: Сашо Цветановски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените одредби од Правилникот се извршени дополнувања кои не се предвидени во Законот за сметководствени работи, иако правната природа на Правилникот е да ги операционализира нормите од Законот. Според наводите во иницијативата во Законот не е предвидена надлежност на Институтот да врши оцена на договорите за вршење на сметководствени работи коишто се склучуваат помеѓу субјектот на контрола и обврзникот за водење сметководство. Единствено што може при контролата да се констатира е тоа дали овој договор е склучен. Поради ова, подносителот го поставува прашањето која е целта која треба да се оствари со пречекорување на законските рамки, односно дали со оспорените одредби се влијае на формирањето на цените што е спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото.

Истовремено, се тврди дека Институтот со оспорените одредби од Правилникот им дава овластувања на своите контролори на квалитет да оценуваат дали постојат минимални технички услови за вршење сметководствена дејност, од аспект на канцелариска и техничка опрема што е неопходна за непреченото одвивање на работата и обезбедување доверливост и безбедност на документацијата на клиентите. Подноситело тврди дека Институтот ги промовира своите контролори на квалитет како еден вид „квази“ трудови инспектори.

Реферат УЗ.бр.34/2025
Оспорен акт: Одлука за доделување на еднократна финансиска помош на Здружение „Карпино“, донесена од Советот на Општина Старо Нагоричане, бр. 08-9/171 од 30.04.2025, објавена во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бр. 8/2025 од 05.05.2025 година.

Подносител на иницијативата: Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на Општина Старо-Нагоричане

Oд наводите во иницијативата:

Се наведува станува збор за финансиска поддршка од 30 000 денари на Здружението „Карпино” и дека оспорената одлука е донесена без да се почитува процедурата за изработка на актот како што е регулирана во Правилникот и Законот за локалната самоуправа.

Реферат УЗ.бр.63/2025
Оспорен акт: Одлука бр. 08-833/3 од 06.04.2017 за измена и дополна на ДУП за населба Ложионица–Кичево блок 11, 12, 13, 17 и 18 со плански период 2014–2017 (8.43 ха) – Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр. 4/2017).

Подносител на иницијативата: Kоле Крстески преку полномошник, адвокат Јовица Наумоски

Oд наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука од градежната парцела на подносителот била избришана можноста за градба на дел кој е негова сопственост и била формирана нова градежна парцела.

Подносителот наведува дека со ваквата измена на урбанистичкиот план му се овозможува на инвеститор да гради објект непосредно до постојниот објект на подносителот, со што, според неговите наводи, се оневозможува пристап до неговиот објект, се узурпира просторот околу него и се ограничува пристапот на природна светлина до шест прозорци од станбените простории.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со новоформираната градежна парцела и предвидениот објект, кој би бил изграден непосредно до објектот на подносителот, се намалува вредноста на неговиот објект и на земјиштето, додека истовремено се зголемува вредноста на новоформираната градежна парцела и на предвидениот објект, со што, според подносителот, се привилегира новиот инвеститор на негова штета.

Реферат УЗ.бр.69/2025
Одлуката бр. 07-601/1 од 29.09.2008 година на Советот на Општина Делчево со која е донесен Детален урбанистички план за дел од локалитет Милково Брдо – 2 во Делчево („Службен гласник на Општина Делчево“ бр. 7/2008).

Подносител на иницијативата: Велиновски Владе преку адвокат Ќирил Величковски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот на иницијативата наведува дека при донесувањето на Одлуката не била запазена уставната одредба во која е уредено правото на непосредното учество на граѓаните во одлучување за прашања од локално значење во областа на урбанизмот.

Имено, во постапката за донесување на оспорената предлог-одлука надлежниот орган не објавил повик за јавна презентација и анкета на начинот определен согласно со член 22, 23 и 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како би можеле сите заинтересирани лица да ги дадат своите забелешки и предлози.

Реферат УЗ.бр.67/2025
Оспорен акт: Наредба од Министерот за животна средина и просторно планирање заведена под бр. 02-3864/1 од 15.09.2025 година, донесена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Подносител на иницијативата: Oпштина Липково, преку адвокат Ратко Димовски

Од наводите во иницијативата:

Според подносителот на иницијативата, одредбата од член 55 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа предвидува дека министерот донесува наредби и други акти за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон, но во конкретниот случај во оспорениот акт не е наведена конкретна законска одредба што му дава изречно овластување на министерот да донесе наредба со која е се затвора депонијата во село Никуштак. Подносителот смета дека повикувањето на начелата од членовите 6 и 14 од Законот за животната средина не претставува доволна правна основа, бидејќи тие имаат принципиелен карактер и не содржат конкретно овластување за донесување управен акт со кој се затвора одредена депонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот акт не ја прецизира точно локацијата на која се однесува, со оглед дека не содржи катастарски податоци или други просторни идентификатори, ниту пак определува субјекти на кои се однесува, поради што, според подносителот, истиот е нејасен и правно неопределен.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img