домаМакедонијаЌе има ли суша и во македонија, и дали постои закана од...

Ќе има ли суша и во македонија, и дали постои закана од недостаток на струја

- Advertisement -spot_img

Додека Дунав, Сава и Драва бележат рекордно низок водостој, а некои европски земји се соочуваат со намалено производство на струја и проблеми во пловидбата, состојбата во Северна Македонија засега е стабилна анализа Дојче Веле. Експертите велат дека водостоите се намалуваат поради летните горештини, но нема индикации за сценарио какво што моментално се случува во делови од Централна Европа.

Но, останува прашањето дали продолжувањето на сушниот период и новите топлотни бранови би можеле да создадат проблеми за водоснабдувањето, водостоите и производството на електрична енергија во Северна Македонија.

Што се случува во регионот?

Рекордно нискиот водостој на Дунав предизвикува проблеми низ регионот. Во Србија е намалено производството на струја во хидроцентралите, а пловидбата е отежната поради плиткото корито на реката. Во Унгарија, пак, нуклеарната централа „Пакш“ за малку избегна прекин на работата поради ниското ниво на водата потребна за ладење на реакторите.

Според унгарскиот премиер Петер Маѓар, земјата била на само неколку милиметри од целосно исклучување на централата, но нивото на Дунав во последен момент престанало да опаѓа. Во Романија исто така има притисок врз енергетскиот сектор поради намалениот проток на реките.

Кај нас состојбата не е алармантна

Хидрологот Атанас Угрински од Управата за хидрометеоролошки работи во изјава за ДВ вели дека Северна Македонија годинава има подобра хидролошка состојба од повеќето земји во регионот.

„Имавме врнежи од дожд и снег во текот на зимата и пролетта, а во март имаше и поплави во одредени делови од земјата. Пролетта беше врнежлива, па состојбата не е толку алармантна како во делови од Европа, каде што се засегнати Дунав, Рајна и други големи реки“, вели Угрински.

Според него, позитивен сигнал е и порастот на нивото на Преспанското Езеро во однос на ланските минимални вредности.

„Во летен сушен период нормално е водостоите да опаѓаат. Сепак, не очекувам драматично сценарио како она што моментално се случува во Централна Европа. Засега нема простор за посериозна загриженост“, додава тој.

Угрински посочува дека годинава состојбата е подобра и во споредба со минатото лето, кога сериозно беше намален капацитетот на изворот Рашче, што предизвика проблеми со снабдувањето со вода во Скопје.

„Преспанското, Охридското и Дојранското Езеро се во подобра состојба од лани. И акумулациите имаа солидна исполнетост и доволно вода за наводнување. Во наредниот период водостоите ќе се намалуваат, но очекувам да останат над минатогодишните минимални вредности“, вели Угрински.

Позитивни се и податоците за водоснабдувањето. Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека водата за пиење е здравствено исправна и ги исполнува сите законски стандарди за квалитет. Во периодот од 27 до 31 јули биле анализирани 390 примероци преку физичко-хемиски и микробиолошки испитувања на 42 мерни места низ Скопје, при што сите резултати покажале дека водата е безбедна за употреба.

Најголемиот ризик е долготрајна регионална суша

Според м-р Виктор Андонов, експерт за енергетска политика, случувањата во Унгарија и Србија се сериозно предупредување за целиот регион, вклучително и за Северна Македонија.

„Рекордно нискиот водостој на Дунав истовремено го ограничува производството од нуклеарни централи, термоелектрани и хидроелектрани, извори што со децении се сметаа за најстабилниот дел од електроенергетскиот систем. Тоа покажува дека климатските промени веќе не се само еколошко прашање, туку директен ризик за енергетската сигурност. Затоа, климатската отпорност мора да стане составен дел од планирањето, управувањето и развојот на електроенергетскиот систем“, вели тој за ДВ.

За Северна Македонија, продолжена суша и нови топлотни бранови би значеле помали дотоци и поголем притисок врз акумулациите, можност за намалено производство од хидроелектраните и истовремено зголемена потрошувачка за ладење и дополнителни потреби од електрична енергија.

„Важно е да се напомене дека до овој период, поради одличната хидрологија кај нас, големите хидроелектрани со кои раководи ЕСМ сигурно го имаат надминато планираното годишно производство уште во првите седум месеци од годината, што значи дека до крајот на годината планираното производство најверојатно ќе биде надминато“, додава Андонов.

Ќе има ли влијание врз струјата?

Од АД ЕСМ за ДВ велат дека моменталната состојба не создава ризик за домашното производство на електрична енергија.

„Хидропотенцијалот е на стабилно ниво, со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти. Тоа ни овозможува целосно да одговориме на актуелните потреби на универзалниот снабдувач во рамките на планираното производство“, посочуваат од ЕСМ.

Оттаму додаваат дека хидроелектраните продолжуваат да придонесуваат и за стабилноста на електроенергетскиот систем преку обезбедување системски услуги за потребите на АД МЕПСО.

Иако рекордно нискиот водостој на Дунав, Сава и другите реки во регионот создава сериозни проблеми за енергетиката и пловидбата, проценките на експертите се дека Северна Македонија засега има стабилна хидролошка состојба. Сепак, предупредуваат дека климатските промени и сѐ почестите сушни периоди бараат внимателно управување со водните ресурси, акумулациите и енергетскиот систем за да се избегнат идни ризици.

ДВ

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img