Кандидатот за градоначалникот на Скопје и актуелен градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба со неговиот колега од Љубљана, долгогодишниот прв човек на словенечката престолнина, Зоран Јанковиќ.
Средбата се одржа во пријателска атмосфера, со акцент на размена на искуства и визии за идната соработка меѓу двата побратимени града.

„Љубљана ќе биде вистински пример и партнер во развојот и модернизацијата на Скопје. Драгоцените совети и поддршка од градоначалникот Јанковиќ ќе ни помогнат во справувањето со најголемите предизвици – јавниот превоз и чистотата,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека тимови од Љубљана ќе бидат континуирана експертска поддршка за Скопје не само во овие области, туку и во сите сегменти каде ќе биде потребна помош.

Дополнително, двајцата градоначалници договорија интензивна соработка во насока на јакнење на капацитетите на Скопје за креирање, планирање и реализација на европски проекти.
„Верувам дека преку ова партнерство ќе изградиме поефикасен и поевропски град, достоен за своите граѓани,“ нагласи скопскиот градоначалник.

На средбата беше потврден и статусот на побратимени градови, а Ѓорѓиевски упати покана до Јанковиќ за официјална посета на македонската престолнина.








