домаМакедонијаЗоран Богатинов: Глобализмот не е мртов, да живее мултиполарноста

Зоран Богатинов: Глобализмот не е мртов, да живее мултиполарноста

- Advertisement -spot_img

Последното сино цунами во американскиот Конгрес, неспоредливата победа на демократите над индиспонираните републиканци во Претставничкиот дом и во Сенатот, ја возобнови дилемата за политички упокоената глобализација, владеење со планетата од еден светски центар. Глобализмот не беше мртов, тој само накратко отстапи од политичката сцена, лижејќи си ги раните по последната надмоќна победа на шефот на Белата куќа, Доналд Трамп. Во вакви измешани идеолошки концепции во Соединетите Американски Држави, лидерот на слободниот свет, бројот на непознати во кој правец ќе се движат или ќе се бараат, пред сè, мировните решенија на кризните жаришта експоненцијално се зголемува.

Првиот показател истовремено и аргумент за овие тези пристигна од украинскиот претседател, Зеленски. Во екот на хроничен недостиг на противвоздушна одбрана за украинската војска, поточно американските проектили „патриот“, Зеленски отворено ја поддржа победата на демократите во Конгресот. Надевајќи се на итна испорака на американските контингенти оружје за Украина, го заборави редоследот на политичка одговорност во САД. Во земјата, 250 години владее претседателскиот систем, надлежностите на шефот на Белата куќа за вето, особено на испораката на оружје за Украина, на кое бевме сведоци по почетокот на војната со Иран, ја позиционираат второстепената улога на Конгресот во решавањето на државничките прашања. Секако, и на самиот Трамп нема да му биде полесно во справувањето со војната во Украина, зашто и правните постапки за клучните безбедносни конфликти ќе мораат да минат низ коридорите на Конгресот. А таму ќе има многу сопки. Во секој случај, со изјавата Зеленски планира стекнување адут повеќе во пресрет на мировните трилатерални разговори што треба да се одржат во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, на 10 и 11 ноември. Искористувајќи ја победата на глобалистите, долевањето на огнот придонесе Русија повторно да ги засили нападите во Украина. Кревкото примирје што успеа да го издејствува првата дама на САД, Меланија, во Олешки, во херсонската област, имаше краток здив.

Победата на демократите внесе и оптимизам и песимизам во европските политички кулоари. Европа не беше единствена и за ова прашање. Германскиот канцелар, Мерц, на Економскиот форум во Берлин, укажа на заобиколувањето на Конгресот во последните две години од владеењето на Трамп. Бундесканцеларот го поткрепи својот став со неприкосновеното право на американскиот претседател за извршни наредби (executive orders) за кои не треба консултација со Конгресот. Сепак, во делот на одбраната, Конгресот има надлежности, демократите најавија постапка за отповикување на Пит Хегсет, секретарот за одбрана, од неодамна Министерството за војна, чие извршување Трамп повторно може да го забрани. Во изјавите на другите европски лидери провејува доза на претпазливост кон победата на демократскиот кампус. Иако се нагласуваат можни тектонски промени во американската внатрешна и надворешна политика, повеќето од застапниците на светската влада побрзаа да се повикаат на континуитетот на евроатлантските односи. Унијата сè уште не го заокружила сопствениот суверенитет, ова особено се однесува на заедничката безбедносна политика. Затоа на Брисел му е неопходен Вашингтон. Но, ЕУ посака истовремено да ја потсреди и состојбата на Стариот Континент, односно нејзините предводници глобалисти се обидоа во Полска, со преземањето на контролата врз Уставниот суд. Зборувајќи пред извесно време со некои полски бизнисмени, добив информација за плановите на германски фирми за преземање компании во Полска. Затоа во составот на Уставниот суд доминирале судии избрани од опозициската партија на претседателот Навроцки, застапник на националниот суверенитет на земјата. Глобализмот со сегашното седиште во Брисел ќе доведеше безмалку до државен удар во, според населението, третата земја на Унијата.

На американска почва, почнува да бледнее MAGA (Америка да ја направиме повторно голема). И самиот Трамп како по малку да го подзаборави главниот адут што му го донесе вториот претседателски мандат. Резултатот влијаеше на растот на глобализмот и на падот на рејтингот на застапниците на мултиполарниот свет. Барајќи решенија за Украина и влегувајќи во војна со Иран, шефот на Белата куќа ги запостави внатрешната политика и економскиот статус на Американците погодени со галопирачката цена на нафтата. Во Америка, автомобилот е член на семејството, и ако не може да вози Американецот поради цената од шест долари за галон или околу долар и дваесет центи за литар, тогаш на изборите стигнува и казната за власта. Инфлаторниот шок, кој оди рака под рака со високите цени на горивата, ја наруши позицијата на предводникот на мултиполарниот свет. Во време на изборите за Конгресот, Трамп сè уште не успеа да ги реши Украина и затворањето на патиштата на нафтата на Блискиот Исток, со што пораснаа и улогата и влијанието на глобалистите во Америка.

Во овој контекст, во Европа, исто така, дејствуваат силите за политичка, економска и за социјална дестабилизација. Од Грција до Франција, студентите и работниците протестираат и штрајкуваат за поквалитетни услови и за поголеми права. Неспорна е нивната желба за подобра утрешнина, за пристојна и обезбедена живејачка, светската економска криза подеднакво удира и врз сиромашните и врз богатите земји. Паралелно, расте богатството на милијардерите во светот, некои од нив веќе се трилионери. Оваа социјална дискрепанца овозможува инфилтрирање на ултралевите сили, подржувачи на глобализмот, како што е тоа случај во некои од европските земји, особено побогатите. Крајната левица, логистички поддржана од религиски обоената и прекубројна миграција во Европа, ги надминува националните граници. Зарем не е тоа една од главните заложби на глобализацијата, бришење на границите? Нејзините застапници на европски терен брзаат да ги испреварат противниците од мултиполарниот кампус поради најавите за победа на Националниот собир, партијата на Ле Пен во Франција во наредната година, и Алтернатива за Германија на Вајдл и Хрупала, две години подоцна. Кај обете партии нема ниту „Г“ од глобализацијата. Оваа политика суштински не се разликува и на Балканот. Во Србија, студентите решија да го урнат култот на личноста што Вучиќ го градеше 14 години. Со сета почит кон движењето, прашање е колку беа сами во протестите, знаејќи го од неодамна потпишаното стратешко партнерство на Белград со Вашингтон и зацементираните пријателски релации со Москва и со Пекинг.

Кога сме кај Кина, може ли да придонесе глобалниот лидер светот да се врати на некогашните поствоени текови, кога се залагаа политичарите за мир, чувствувајќи ги сè уште незалекуваните последици од Втората светска војна? Можеби, решението лежи во приближувањето на Кина кон Европа за потсмирување на апетитите на глобалистите, кои во желбата да се владее со светот, може во догледно време и да го уништат. Русија, застапник на мултиполаризмот, го запре напредувањето на Исток. Кина, поради незапирливиот економски напредок поддржан од уникатноста на политичкиот поредок, но и поради системот на бројноста, ги содржи сите чинители за смирување и за решавање на актуелните глобални закани. Доколку се одржи нова „Јалта“ со Ши, Путин и со Трамп на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка во Шенжен овој месец, ќе бидат утврдени и идните насоки на мултиполарниот концепт. Симптоматично, овој пат со кинескиот претседател, без британскиот премиер.

(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

https://www.vecer.press/kolumna-zoran-bogatinov-globalizmot-ne-e-mrtov-da-zhivee-multipolarnosta/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img