домаШоубизЗлато од Византија излезе од Јадранот, кај Мљет откриен бродолом стар 1.300...

Злато од Византија излезе од Јадранот, кај Мљет откриен бродолом стар 1.300 години

- Advertisement -spot_img

Повеќе од 600 грама злато, царски накит, монети и прстен со ликот на византиски император се пронајдени во бродолом кај хрватскиот остров Мљет. Археолозите велат дека станува збор за најголемото количество злато досега откриено во потонат брод во Медитеранот.

Бродот потонал кон крајот на VII или почетокот на VIII век, а неговите остатоци се наоѓаат во близина на Полаќе, на длабочина од околу 32 до 40 метри. Локалитетот, познат како „Татиница“, бил откриен во 2014 година, а систематските подводни истражувања почнале една година подоцна. Досега биле спроведени девет археолошки кампањи.

Најголемо внимание привлекуваат повеќе од 40 златни предмети со вкупна тежина од околу 600 грама. Меѓу нив има четири раскошни златни појасни гарнитури, токи и украси со смарагди, рубини и бисери, како и златен печатен прстен со лик на император.

Според раководителот на истражувањето Игор Михољек од Хрватскиот реставраторски завод, вакво количество злато досега не било пронајдено во ниту еден истражен бродолом во Медитеранот.

Токму луксузот на предметите отвора едно од најголемите прашања за археолозите, кој патувал на бродот?

Пронајдените предмети не изгледаат како сопственост на обичен трговец. Истражувачите сметаат дека на бродот веројатно се наоѓал висок византиски функционер, можеби со своја придружба. Печатниот прстен дополнително ја засилува оваа претпоставка, бидејќи вакви предмети можеле да носат луѓе кои имале право да заверуваат официјални документи.

На бродот биле пронајдени и златни монети од времето на четворица императори од династијата на Ираклидите, што им помогнало на археолозите попрецизно да го датираат бродоломот.

Но богатството не е единственото што лежело на морското дно.

Пронајдени се и амфори, тегови и вага, жетони од слонова коска, коцка за играње, оловни инготи, бронзени и керамички садови. Тоа покажува дека бродот не служел само за превоз на злато и скапоцености.

Една од можностите е на него да патувала дипломатска делегација која носела царски подароци. Друга е дека станувало збор за висок државен или воен функционер кој патувал со трговски брод. Археолозите не ја исклучуваат ниту можноста дел од постарите златни предмети да биле носени за препродажба или претопување. Засега нема доволно докази за конечен одговор.

Локацијата на бродоломот исто така не е случајна. Во тој период покрај Мљет минувал важен морски пат кој ги поврзувал источниот и западниот Медитеран, а пристаништето во Полаќе служело како засолниште за бродовите при лоши временски услови.

Археолозите претпоставуваат дека бродот можеби потонал токму додека се обидувал да стигне до безбедното пристаниште.

Научниците го сметаат локалитетот за еден од најважните византиски бродоломи досега пронајдени. Археологот Џастин Лајдвангер од Универзитетот Стенфорд го оцени како клучно место за разбирање на преминот од доцното Римско Царство кон средновековниот свет и промените на трговските врски низ Медитеранот.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img